Покажа што значи да се биде лидер: Скандер Зајед-човекот кој ја победи Македонија (ВИДЕО)

Македонската младинска репрезентација вчера го доживеа првиот пораз од африканскиот шампион Тунис на Светското првенство во Алжир. Високиот пораз ги изненади македонските ракометари и ја разочара македонската јавност. Звучните имиња во селекцијата на Илија Темелковски, кои имаа забележителни настапи во Лигата на шампионите, но и во најсилната национална лига во светот, на крајот на третиот меч мораа да ја наведнат главата и да му честитаат на подобриот тим.

Еден од најзаслужните за победата на Тунис против Македонија е левиот бек Скандер Зајед. Наместо доминација на македонските ракометари, натпреварот меѓу Македонија и Тунис презентираше нов бисер во светскиот ракомет. Тунижанецот со број 77, Зајед Скандер беше нерешлива загатка за македонската одбрана и нашите голмани па затоа на крајот запиша дури 14 голови зад своето име.

20 Годишниот Зајед настапуваше и за сениорската селекција на Тунис на мундијалот во Франција, а во скромната минутажа постигна 2 погодока на дуелот со Словенија во групата Б, каде Тунис се соочи и со Македонија.

На Светското младинско првенство во Алжир играчот на туниски Елбат Спортив де Беникхиар постигна вкупно 30, од кои 10 против Бразил, 14 против Македонија и 6 против Буркина Фасо со неверојатна прецизност од 77%.

Како изгледаше шоуто на младата туниска ѕвезда против Македонија  можете да погледнете на видеото подготвено од тунискиот портал специјализиран за ракомет InfoHandball.