ПОЗНАТ РАСПОРЕДОТ ВО ГРУПНАТА ФАЗА ЗА СП: СТАРТУВАМЕ СО ТУНИС, ЗАВРШУВАМЕ СО ИСЛАНД

Светската ракометна федерација го објави распоредот и термините на натпреварите од групната фаза на СП 2017, кое од 11 до 29 јануари ќе се одржи во Франција.

Град домаќин за македонските репрезентативци ќе биде Мец, а првенството ќе го стартуваме на 12 јануари со почетот од 17 часот и 45 минути против составот која не елиминира од битката за Рио, репрезентацијата на Тунис. Следува слободен ден, па на 14 јануари од 20 часот и 45 минути играме против аутсајдерот во групата Б, репрезентацијата на Ангола. Потоа повторно е ден за одмор, а на 16 јануари со почеток од 17 часот и 45 минути ќе гледаме интересен дуел помеѓу Червар и Вујовиќ односно Македонија и Словенија.

Репрезентацијата на Шпанија е претпоследната пречка во групната фаза со која ќе играме на 18 јануари (20:45 часот),
а против Исланд (19 јануари 17:45 часот) ќе го заокружиме настапот во групата Б, по што ќе стане јасно дали нашата репрезентација ќе обезбеди пласман помеѓу првите четири репрезентации во групата кој носи учество во осминафиналето, или пак ќе разигрува за последните места на турнирот во “Президент купот”.