Повредите ја кројат тактиката на Вардар и Киелце!

Еден од најинтересните дуели во Лигата на шампионите секако ќе биде четвртфиналниот двомеч меѓу Вардар и Киелце. Не поради фактот што тренерот на Вардар, Раул Гонзалес долги години беше помошник на тренерот на Киелце, Талант Душебаев, ниту поради фактот дека синот на големиот Душебаев го носи „црвено-црниот“ дрес, туку поради храброста и желбата која ја покажаа овие два клуба во досегашниот тек на Лигата на шампиони. Киелце е единствениот клуб од големата четворка кој во својот состав нема ѕвездени ракометни имиња, каде нема индивидуалци, туку колектив.
Можеби најзвучни имиња во двата тима, покрај искусните голмани Штербик и Шмал, се крилните ракометари Иван Чупиќ и Тимур Дибиров кои во изминатите неколку сезони од Лигата на шампионите се промовираа во лидери на двете екипи. Крајот на сезоната и напорот кој го вложуваат врвните ракометари секако го зема својот данок. Интензивните натпревари кои се играат на највисоко ниво бараат соодветна подготовка, затоа проблемите со повреди во овој период на годината не ги заобиколуваат и најквалитетните ракометни клуб.
Киелце пристигна денес во Скопје, со комплетниот состав без повредениот Криштоф Лијевски, кој поради повреда отсуствува од почетокот на годината. Германскиот интернационалец, Тобиас Рајхман пред неколку недели имаше сериозна повреда на лактот, неговата рехабилитација сеуште е во тек, но ќе биде во составот на Душебаев за првиот четврт-финален дуел во Скопје. Точно пред десет дена, во натпревар од домашната, полска лига се повреди Пјотр Грабарчик, но неговата повреда иако делуваше сериозно (оток на десното рамо) со соодветна терапија веќе е надмината и тој ќе биде подготвен за овој дуел. Матеус Јахлевски се врати на теренот пред седум дена, откако се рехабилитираше од дуелот против Монпелје во рамките на 1/8 финалето од Лигата на шампионите. Играчки составот на Душебаев е речиси комплетен, но нивото на кое може да одиграат некои ракометари ќе биде далеку од тоа на почетокот на сезоната.
Со слични проблеми се соочува екипата на Раул Гонзалес. Вардар на крајот на март одигра силен турнир на завршницата на СЕХА лигата во Веспрем, таму „црвено-црните“ настапија без Дибиров, Брумен, Абутовиќ и Штербик, а помала минутажа имаа стандардните Карачиќ и Душебаев. Но, лошиот настап на „црвено-црните“ го зачини Сергеј Горбок, кој заработи повреда на ногата и е неизвесен за утрешниот меч. На листата на оние ракометари кои се рехабилитираат е искусниот руски пивот Михаил Чипурин. Добривоје Марковиќ се опорави од вирусот кој не му дозволи настап во 1/8 финалето на Лигата на шампионите, додека Лацковиќ е надвор од терените уште од ноември.
Голем предизвик за двајцата шпански тренери на тактички план да го извлечат максимумот од сите поединци во своите колективи.
Првиот натпревар од четврт-финалниот дуел се игра во сабота 11.04.2015, во спортскиот центар „Јане Сандански“ со почеток од 19 часот.