Повредата на Лекиќ е сериозна: Го пропушта ФТЦ, најверојатно и Мундијалот во Германија

Ракометарката на Вардар, Андреа Лекиќ има повреда на рамото и ќе мора да биде надвор од терените извесен период. Таа нема да игра ниту против ФТЦ ниту против Турингер, а во прашање е доведен и нејзиниот настап на Светското првенство во декември.

Информациите велат дека за ваква повреда да биде санирана без операција би моралa да биде во целосно мирување од најмалку два месеци. Тоа значи дека ќе ја нема ниту против Турингер во последното коло од првата фаза во Лигата на шампионите, но и на Мундијалот во Германија во дресот на Србија.

Постои и друга опција, а таа е операција, но тогаш ќе биде надвор од терените подолго време и прашање е дали ќе може да се врати и за втората фаза во Лигата на шампионите. Многу повеќе информации ќе има деновиве, но во секој случај секој настап за Лекиќ ќе биде огромен ризик за влошување на повредата и долга пауза, а таа не е во корист на никого.