Победникот на „Трофеј Вардар“ го чекаат 5.000 евра

По првата фаза на подготовки, македонскиот шампион и европски вицепрвак Вардар, ќе ја тестира формата на силен турнир во Скопје. Во организација на „црвено-црните“ од 23 до 26 август по втор пат ќе се одржи трофејот „Вардар“, овојпат само во женска конкуренција откако машкиот колектив ќе се бори за титулата на Супер Глоуб.
Во Скопје ќе допатуваат шест екипи, кои ќе бидат поделени во две групи. Победниците од секоја група потоа ќе играат во финалето. Покрај домаќинот Вардар, ќе учестуваат и Будуќност (Црна Гора), Одензе (Данска), ЧСМ Букурешт (Романија), Краснодар (Русија) и Ростов Дон (Русија). Вардар на првиот турнир, кој се одржа во 2015 година, го освои првото место откако во финалето беше подобар од Будуќност.
Како и во првото издание на овој турнир победникот  го чека парична награда од 5.000 евра, второпласираниот тим ќе освои 3.000 евра, а третопласираната екипа ќе мора да се задоволи со 1.000 евра. Покрај тимските, организаторот предвидел и индивидуални награди за најдобар голман, играч и стрелец.