Победа над Металург за самодоверба на „разнишаниот“ Загреб

Македонскиот вицепрвак и хрватскиот шампион почетокот на сезоната нема да го паметат по добро. Црната низа на порази за ППД Загреб во Лигата на шампионите, како и неуспехот на Металург да го задржи убавиот впечаток по почетната победа во елитното натпреварување требаше да заврши со натпреварот од СЕХА лигата. Во Загреб, хрватските прваци го пречекаа младите Металурзи со надеж дека барем една од двете екипи ќе ја врати самодовербата пред викенд натпреварите од Лигата на шампионите. „Плинарите“ успеаа да ја забележат четвртата СЕХА победа против македонскиот состав, убедливо со конечен резултат 29-20.

Уште на самиот почеток Загреб покажа колку му значат трите бодови од овој дуел, по седум минути домаќините имаа 4-1. Металург се обиде да се приближи до играта и резултатот на Загреб, но ниту еднаш не дојде на разлика помала од два погодока. По првите триесет минути домаќините на пауза заминаа со водство од 13-10.

Почетокот на вториот дел ги разреши сите дилеми околу победникот на овој дуел. Нова серија за составот на Вујовиќ, за 16-10 во 37та минута. Никола Костески со два погодока во низа го запре налетот на Загреб, но тоа беше се што направија македонските ракометари на овој дуел. Загреб ја контролираше играта и резултатот, а во самиот финиш ја достигнаа и највисоката разлика од 29-20 што беше и конечен резултат на овој дуел.

По натпреварите од Лигата на шампионите, македонските вицепрваци гостиваат во Словенија кај Горење Велење (18.10.2016 17:00), додека ППД Загреб ќе го пречека Татран Прешов.

ППД Загреб 29-20 Металург (13-10)

Загреб: Ерес 2, И. Вујиќ3, С. Вујиќ 2, Контрец 5, Шебетиќ 3, Марковиќ 3, Хорват 1, Јотиќ 3, Мандалиниќ 5, Миклавчиќ 2

Металург: Костески 5, Обрадовиќ 4,Драгаш 5, Талески 2,Брајовиќ 1, Пешевски 3