Победа и реми за 24 часа: Рајн Некар освои бод кај Барселона

Филип Талески и колегите успеаја да ремизираат со Барселона (26:26), а лесно можеа од ова тешко гостување да си заминат и со победа доколку во финишот од средбата беа искористени сите шанси. Овој бод дојде само 24 часа после победата во Бундес-лигата над Лајпциг, па затоа резултатот е одличен.

Рајн Некар имаше многу повеќе од играта особено во второто полувреме, а тоа даваше резултат. Во поголемиот дел од мечот гостите имаа контрола, па дури и најавуваа триумф. Сепак, не издржаа кога беше најпотребно, а во последниот напад, Варгас успеа да одбрани и на тој начин да овозможи поделба на бодовите.

Талески играше уште од првата минута. Тој беше незаменлив дел од играта во одбрана, а веќе станува јасно дека тренерот на тимот има сè поголема доверба така што и денеска играше постојано. Имаше одлично покривање на бековите на противникот, па може да се каже дека сè подобро се снаоѓа.

Во второто полувреме во еден период беше и во нападот, но имаше само еден непрецизен удар. За разлика од него, Борко Ристовски не доби шанса на овој меч и сите 60 минути ги мина на клупата.

И во двете екипи најефикасните имаа по осум гола. Во Барселона тоа беше Дика Мем, додека во Рајн Некар, Момир Рниќ.

Инаку, поради проблемите со термините, Рајн Некар вчера мораше да игра против Лајпциг. Го совлада со 29:23 како гост, а потоа ракометарите отпатуваа за Барселона каде што вечерва до последен момент се бореа за победа, но се задоволија со реми.