Победа за кадетките во првиот комплетиран натпревар од Европскиот шампионат

Во натпревар од второто коло во група А на Европскиот шампионат за кадетки кој се одржува во Скопје, Македонија дојде до својата прва победа. Со резултат 24-23 кадетките беа поуспешни од врсничките на Швајцарија.

Македонија уште од самиот почеток ја превзема иницијативата и имаше предност од три голови по првите 10 минути, но не успеа да ја сочува разликата. Младите швајцарски ракометарки се вратија во игра и со негатива од само еден гол влегоа во последните 10 минути од првиот дел, за во самиот финиш да го израмнат резултатот. Со изедначени 13-13 двете селекции заминаа на полувреме.

Во слично темпо продолжи и вториот дел, ниту една од екипите не успеа да создаде посериoзна предност, а минималните гол разлика постојано го менуваа тимот во водство. Швајцарија на средината на второто полувреме дојде до два гола разлика (18-20), но ниту тоа не беше гаранција за мирен крај. Избраничките на Црвенковска во две минути го изедначија резултатот, а Трајковиќ ја врати мининималната разлика за Македонија.

Резултатската нишалка продолжи и во последните 10 минути во кои Швајцарија влезе со предност од гол разлика. Сепак домаќините имаа поголема концентрација, веднаш ја превземаа контролата над резултатот, а голот предност на 30 секунди до крајот го претворија во два гола разлика 24-22. Алтер стави точка на овој дуел, за минимален пораз на својата репрезентација и славје на клупата на Македонија по победата од 24-23.

По воведниот скандалозен натпревар кој Македонија го доби со службени 10-0, кадетките запишаа нови бодови и сега се наоѓаат на втората позиција во група А со ист број бодови како врсничките од Полска.