Писонеро: Не е важно дали е СЕХА, ЛШ или Супер Глоуб, сакаме да победуваме на секој меч!

Вардар славеше над Еурофарм Работник со 32-30 во претпоследниот натпревар пред заминувањето на Супер Глоуб. Тренерот на вардарци Давид Писонеро, вели дека е задоволен од играта во одбрана во првиот дел, а во вториот дел им даде шанса на повеќемина ракометари.

„Во првиот дел игравме одлично во одбраната, а во вториот дел им дадов шанса на сите ракометари и затоа разликата се намали. Мораме да работиме многу напорно и да се докажуваме секој ден“, вели Писонеро.

Павел Атман има повреда на прст на десната рака и мора да мирува десетина дена.

„Тој ќе паузира, но не знам колку долго. Атман е важен играч за нас и ни дава опција плус во нападот Младите играчи работат одлично и тие се навистина добри. Ќе видиме, можеби ќе можат да ни бидат корисни во текот на сезоната“, продолжува Писонеро.

Вардар го чека настапот на Супер Глоуб.

„Вардар е европски првак. Ние ќе се бориме, ќе се натпреваруваме на секој меч. Независно дали тоа е СЕХА, Лига на шампионите или Супер Глоуб. Сакаме да победуваме на секој меч“, вели Писонеро.

Следен предизвик за Вардар ќе биде пријателскиот натпревар против грчкиот АЕК Атина утре зад затворени врати.