ПИК Сегед ја победи Барселона, Вардар поблиску до четвртфиналето

Ракометарите на ПИК Сегед по два врзани порази во Лигата на шампионите на домашен терен од Нант и од Рајн Некар, победија во пресметката со големата Барселона и му направија голема услуга на македонскиот и европски првак Вардар. Го оставија „црвено-црниот“ тим во пол-позиција за првото место како главен кандидат за директен пласман во четвртфиналето.

Тренерот на Барселона, Пасквал, го почна мечот со Гонзало на голот. До 10 минута се играше гол за гол, 5:5, пред Балог на два пати да стрела во каталонската мрежа и ПИК Сегед првпат поведе со 2 гола разлика, 7:5. Горбок згреши неколку пати во серија и Пастор на негово место го внесе Бодо, кој веднаш погоди за 8:6.

Ниту Палмарсон, ниту Мем, ниту Жалуз, не се снаоѓаа покрај триото „тепачи“ кај домашниот тим Блажевиќ, Тиаго и Габер, а кога ќе дојдеа до позиција, Шего се испречуваше пред нив. Сегед ја искористи збунетоста кај гостите и се одлепи на 14:10 во 25 минута. Ристовски влезе да брани пенал, но не успеа против Сигурмансон и домашните замина на пауза со плус 3, 16:13.

Ристовски го стартуваше вториот дел на голот на Барселона и веднаш му одбрани шут на Калман, веднаш потоа запре уште еден удар на домашните и каталонците беа во егал, 16:16. Поведоа гостите и со 18:20, а нашиот репрезентативен голман по грешка на домашните погоди на празниот гол на Сегед, за 19:21 во 42 минута.

Каталонците грешеа во нападот и Шего му одбрани контра на Томас, па домашниот тим се врати во игра и израмни на 22:22 во 45 минута. Ристовски уште еднаш од зицер ситуација го спречи Калман и потоа се играше гол за гол до 54 минута, 25:25. Сигурмансон од пенал и Житников донесоа нови плус 2 за ПИК Сегед, 27:25 и ги ставија гостите во непријатна ситуација.

Беше и 28:25, а потоа и 29:26 во 58 минута, пред Шего да го сопре Ривера од пенал. Беше и 30:26, а до крајот немаше дилеми околу победникот, иако каталонците погодија два пати за 30:28. Калман по истекот на времето погоди од слободен удар во мрежата на Ристовски за конечни 31:28. Најдобар поединец во победничкиот тим беше Жолт Балог со 9, а Стефан Сигурмансон даде 6, додека голманот Шего имаше 14 интервенции. Кај Барса Н’гесан даде 7, а Мем погоди 6 пати.