Пик Сегед недораснат противник за “зебрите”: Кил е четвртиот патник за Келн!

Во последниот четвртфинален натпревар од ЕХФ Велукс ЛШ екипата на Кил го совлада Пик Сегед со 31-23 (18-10) и четврта година по ред ќе биде учесник на фајнл-фор турнирот. И покрај поразот од два гола разлика во Унгарија, популарните “зебри” и одржаа вистинска ракометна лекција на екипата на Пик Сегед и сосема заслужено ќе бидат во друштво со Барселона, Веспрем и Киелце во борба за пехарот на ЕХФ Велукс Лигата на шампионите.

КИЛ-ПИК СЕГЕД 31-23 (18-10)

Кил уште од самиот почеток им даде до знаење на гостите дека нема што да бараат на овој натпревар. Почетното водство од 1-0 кое го донесе Вајхолд, германската машина од минута во минута постојано го зголемуваше, а највисоките +8, (12-4) во првиот дел со својот четврти гол ги постави Филип Јиха во 20 мин. Покрај Јиха, расположен за игра беше и Марко Вујин кој со пет гола во првиот дел успешно ја одржуваше високата позитива за својот клуб кој на полувреме замина со резултат 18-10.

И во вториот дел германците рутински го одржуваа високото водство и во ниеден момент не му дозволија на противникот да помисли на враќање во овој натпревар. Највисоките +11, (29-18) со својот трет погодок ги постави Винчек на десетина минути до крајот. Унгарците до самиот крај успеаа за нијанса да ја намалат високата негатива, а последниот погодок на натпреварот го постигна Анчин за конечни 31-23, и четврта година по ред пласман на Кил на фајнл-фор турнирот.

Најпрецизни на натпреварот беа бековите на Кил, Јиха кој постигна 8 и Вујин со 7 погодоци. Кај гостите најпрецизен беше Калман со 5 гола.