ПИК Сегед ги скроти „лавовите“: Унгарија со два претставника во четвртфиналето на Лигата на шампионите

По фантастичниот прв дуел меѓу Рајн Некар Ловен и Пик Сегед, кој на изненадување на ракометната публика во Европа му припадна на унгарскиот вице-првак, уште еден одличен натпревар се одигра вечерва во Сегед.
Унгарците повторно славеа победа, овој пат натпреварот заврши со резултат 31-29, а Сегед со шест голови предност продолжуваат во следната фаза на елитното натпреварување. Доколку сакаа да направат нешто повеќе во преполната арена во Сегед, Германците знаеа дека мораат да ја анулираат предноста на противникот уште на самиот почеток. По четири минути игра Некар имаше предност од два гола 2-4, која ја одржуваше до 10-та минута кога Генсхајмер ги постави највисоките три голови разлика, 4-7. Во бркотницата на теренот, германскиот состав се обиде да ја наметне својата игра со краткотрајни напади кои овојпат благодарение на Сиера и домашната одбрана не беа ефикасни. Затоа на спротивната страна одличниот Золт ги предводеше ракометарите на Сегед до ново израмнување на резултатот на 7-7. Истиот ракометар во 15 минута донесе нова предност за својата екипа од минимални 9-8. До крај на првиот дел Сегед создаде предност од четири погодоци, која Ду Рие со звукот на сирената ја намали на 16-13 по првите триесет минути игра.
Второто полувреме се одигра како и првото, Германците со фуриозен старт го израмнија резлутатот на 18-18, а Генсхајмер со прецизен удар ја врати вербата во победа кај Германците со првото водство во вториот дел 18-19. Рајн Некар со одлична одбрана стигна до нови два гола предност, но не успеа да ги задржи долго. Во последните десет минути од натпреварот Пик Сегед мотивиран од френетичната публика во арената во Сегед со низа прецизни удари го превземаа водството, а на пет минути до крај создаде предност од четири подогоци. Ниту 12 прецизни удари на капитенот на „лавовите“, Генсхајмер не беа доволни да се избегне нов пораз од 31-29 и елиминација на бундеслигашот од Лигата на шампионите.
Најпрецизни покрај одличниот Генсхајмер беа Балог и Бомбач со по осум погодоци.