ПИК Сегед блиску до четвртфинале против Вардар

По одиграниот прв натпревар од двомечот кој треба да го даде противникот на Вардар во финишот ПИК Сегед го скрши отпорот на Висла Плоцк и стигна до победа со 22-20 за доближување до пласман во 1/4 финалето.

Висла Плоцк започна одлично против фаворизираниот ПИК Сегед, поведе од почетокот и постојано имаше предност. Во 15 минута со голот на Дашек, Висла поведе со 7:3 што беше причина Хуан Карлос Пастор да го повика првиот тајм-аут. Минутата одмор донесе резултат за ПИК Сегед, во продолжението направија серија од 5:0 за прво водство на натпреварот 8:7. Во тие моменти ПИК Сегед играше одлична густа и цврста 6:0 одбрана на која домашниот состав немаше решение. На тоа се надополнуваше и Марин Шего со неколку интервенции. До крајот на полувремето се играше неизвесно со цврста одбрана и малку постигнати голови. На полувреме екипите отидоа со нерешено 10:10.

Исто како и првото полувреме Висла повторно започна организирано и поведе со 13:11. Но предноста траеше кратко и во продолжение продолжи борбата со постојано менување на водството. Висла Плоцк го одржуваше високото ниво на игра и повторно дојде до предност од три гола во 48 минута, 18:15. Уште еднаш исто сценарио како во првото полувреме, тајм-аут за тренерот на ПИК Сегед па серија од 5:0 за водство 20:18.

До крајот унгарскиот претставник успеа да ја задржи предноста и да оствари важна победа пред реванш дуелот во Сегедин. Важна улога во пресвртот и победат имаше екс вардарецот Канељас кој со своето искуство во клучните моменти го водеше својот состав до победа.

Во составот на Висла Плоцк по пет погодоци постигнаа Де Толедо и Дашек, а во составот на ПИК Сегед најпрецизен играч беше Жоан Канељас со постигнати шест погодоци.