ПИК Сегед без Житников и Габер против Вардар?

Тимот на ПИК Сегед би можел да биде ослабен на пресметките против македонскиот шампион Вардар во рамките на четвртфиналето од Лигата на шампионите. Средниот бек Дмитри Житников, иако вчера настапи на финалниот меч од Купот на Унгарија против Веспрем, има повреда, но нема информации за што се работи.

Селекторот на Русија, Едуард Кокшаров, веќе повика замена за Житников пред дуелите со Унгарија во квалификациите за Европското првенство и нема да смета на бекот на ПИК Сегед, кој не се знае до кога ќе паузира.

Освен Житников, грижи на Хуан Карлос Пастор му задава и пивотменот Матеј Габер. Тој заработи повреда на мускулот на вчерашниот натпревар против Веспрем и нема да биде дел од репрезентативните натпревари на Словенија против Холандија.

Првиот натпревар меѓу Вардар и ПИК Сегед се игра на 25 април во Скопје, додека возвратниот дуел е на програмата на 5 мај во Сегед. Дали двајцата ракометари на унгарскиот шампион ќе се рехабилитираат навреме за средбите со Варар останува да видиме.