Пешевски најдобар во ремито на Штутгарт

Во 4. коло од Бундес лигата, Жарко Пешевски пред домашната публика покажа зошто беше донесен во Штутгарт. Тој во натпреварот без победник помеѓу Штутгарт и Минден кој заврши 24:24 беше најефикасен со шест гола, а имаше 100 процентна реализација.

Пешевски го имаше својот најдобар настап откако е во Бундес лигата, а особено беше добар во првото полувреме кога постигна четири гола. Натпреварот против Минден беше многу неизвесен. Штутгарт успеваше да стигне и до четири гола предност, но гостите успешно се враќаа во игра. По 30 минути беше 14:14.

Второто полувреме беше потполно неизвесно, двете екипи го менуваа минималното водство и имаа можност за победа. Сепак, Штутгарт го имаше последниот напад за два бода, но ударот беше изблокиран и двете екипи мораа да се задоволат со по еден бод.

Најефикасниот Жарко Пешевски постигна шест гола, а втор стрелец беше Асгирсон кај Штутгарт. Голема улога во ремито одигра и голманот Битер со 13 успешни интервенции. Во составот на Минден, Кнор со шест погодоци беше најдобар поединец.