Пецаковски: Ако совладаме некој од Вардар или Еурофарм, сме направиле голем успех!

Едно од новите засилувања на Металург е повратникот во екипата, Дејан Пецаковски. Искусниот лев бек последните три сезони ги мина во битолски Еурофарм Работник, но сега се врати во Скопје. Тој вели дека целта е првата фаза екипата да биде на прво место, а потоа да се брка повисок пласман во плеј-офот.

„Екипата е составена од млади и здрави момци и според првите впечатоци мислам дека ќе имаме добра сезона. Си ги поставуваме целите за новата сезона и како еден од поискусните играчи во тимот ќе се обидам да им пренесам на помладите од моето знаење и да им дадам што е можно поголема поддршка. Цел ни е да завршиме на прво место во првата фаза од првенството и, нормално, во плејофот да се бориме за што повисоко место. Знаеме кои ни се најголемите ривали, Вардар, кој е европски шампион, и Еурофарм Работник, кој од сезона во сезона влегува во ритам и прави сè поголеми успеси. Ако совладаме било која од тие две екипи, ние сме направиле огромен успех“, вели Пецаковски.

Металург во претсезоната ќе игра на два подготвителни турнири, во Москва и во Кањижа, каде што ќе одигра шест пријателски натпревари.