Пех до пех за Вардар: Горбок и Шишкарев повредени се враќаат од Русија!

Репрезентацијата на Русија загуби на домашен терен од Унгарија со 19-25, но најверојатно ќе остане и без двајца играчи во ротација за возвратната пресметка. Левиот бек Сергеј Горбок и десното крило Данил Шишкaрев, второто полувреме на овој натпревар го минаа на клупата, откако заработија повреди, а тоа го потврди и селекторот Едуард Кокшаров.

„Во нашиот табор има многу повредени. Сергеј Горбок и Данил Шишкарев заработија повреди на дуелот со Унгарија. Не можам да кажам дали ќе сметаме на нивните услуги на следниот наптревар. Докторскиот штаб работи, па ќе ја процени нивната состојба“, изјави Кокшаров.

Македонскиот шампион Вардар нема да може да смета на повредениот Кристијан Дисингер за дуелите со ПИК Сегед, а статусот на Вуко Борозан е неизвесен, па доколку Парондо не може да смета и на Горбок, практично Вардар ќе биде без лев бек. На местото на Шишкарев, македонскиот тим ги има Иван Чупиќ и Мартин Поповски.

Средбите меѓу Вардар и ПИК Сегед се играат на 25 април во Скопје и на 5 мај во Сегед.