Петровски задоволен од своите ракометарки

Тренерот на ЖРК Металург, Александар Петровски е задоволен од неговите ракометарки, иако на турнејата во Србија тимот од Автокоманда беше два пати поразен од ЖРК Јагодина и ЖРК Раднички.

За клубскиот сајт на ЖРК Металург, Петровски со свое видување за постигнатите резултати на турнејата во Србија :

Очекувани и реални беа поразите од силните и искусни екипи на Јагодина и на Раднички, но задоволен сум од прикажаната игра и од борбеноста. Ние сме млада екипа, која речиси и нема искуство во играње против силни и квалитетни противници, бидејќи овие млади девојки минатите сезони беа резервни играчи. Но морам да напоменам дека од натпревар во натпревар квалитетот на играта и борбеноста растеа кај девојките, што е многу важен момент за нас, бидејќи со тоа почнуваат да се гледаат ефектите од 40-дневната заедничка работа. Имаме уште десетина дена до почетокот на домашното првенство и на Регионалната лига, па се надевам дека дотогаш ќе одиграме уште некој меч за да ја истемпираме формата.