Петровски: Бутел е искусна екипа, но ги знаеме нивните слабости

Еурофарм Работник е лидер на табелата и по четири натпревари има четири победи во Суперлигата. Битолскиот тим ги победи Пелистер, Радовиш, Пролет и Струга, а вечерва ќе излезе на мегдан со новиот суперлигаш Бутел Скопје. Искусниот десен бек Михаил Петровски очекува нова победа на Еурофарм.

„После четири одиграни кола се наоѓаме на првото место со исто толку победи од кои три меча добивме против екипи кои што се борат за плеј-оф, па мораме да сме задоволни од досега сработеното и се надевам дека во овој ритам ќе продолжиме до крајот на сезоната. Како и за секој меч така и за наредниот се подготвуваме сериозно. Екипата на Бутел се состои од играчи кои долго време играат во македонската лига и одлично се познаваат. Тоа нивно искуство им е најсилна страна. Тоа го докажаа со победите над Пелистер и Пролет. Меѓутоа ние ги анализиравме нивните „слабости“ и подготвени го дочекуваме овој меч каде што очекувам уште една наша победа и продолжување на победничката серија и зацврстување на првото место на табелата“, вели Петровски.

Битолскиот тим лани беше третопласиран, откако загуби еднаш од Металург и од Пролет во плеј-офот, а одигра реми против тимот од Автокоманда во Битола.

„Секако дека можеме подобро од лани. Оваа екипа има уште многу да каже. Имаме нови играчи, нов тренер, нов систем..Ни треба време да се воиграме и да бидеме оние вистинските. Да не бидам нескромен меѓутоа Еурофарм Работник по квалитетот е втора екипа во Македонија после Вардар и очекувам и тоа да го потврдиме до крајот на сезоната“, заврши Петровски.

Мечот меѓу Бутел Скопје и Еурофарм Работник се игра денеска со почеток во 19:30 во салата „Антон Димитров“ во населбата Бутел.