Петка за шампионот: Вардар како на тренинг за нова победа над Загреб

Актуелниот првак во СЕХА-лигата и лидер на табелата од оваа сезона, Вардар дојде до нова победа. Овој пат го надигра Загреб, тимот којшто го совлада и пред нешто повеќе од две недели во Лигата на шампионите. Победата од 30:23 беше повеќе од заслужена во меч кој беше посилен тренинг после дуелот против Барселона во саботата.

За разлика од средбата на 1 октомври кога Загреб го доби почетокот на средбата сега ракометарите на Вардар влегоа далеку повнимателно во мечот. Го имаа водството од стартот, а Загреб успеваше да издржи и да остане на негатива од еден гол или да израмнува.

Така беше до средината на полувремето. Практично така беше до 18. минута кога последен пат беше нерешено, 18:18. Тука се случи првата серија за Вардар од 3:0 и „црвено-црните“ поведоа со 10:7 во 22. минута од средбата. Потоа следуваа два гола за гостите, а во последните шест минути од натпреварот ракометарите на Вардар имаа 7:1 за на одмор да заминат со предност од 17:10.

Доколку беа малку попрецизни во напад тогаш сигурно и предноста на Вардар ќе беше и поголема. Имаше четири пречки во првиот дел од средбата, но и три зицери при кои се промашуваше голот.

Почетокот на вториот дел мина во знакот на гостите кои успеаја да намалат на пет разлика. Сепак, само неколку минути беа доволни работите да се вратат на свое место и одново да  биде седум плус во корист на „црвено-црните“ (20:13). Тука дојде до нова криза во нападот, а тоа резултираше со три гола во серија на противникот и намалување на 20:16.

Лошата серија беше прекината во 44 минута кога Карачиќ погоди за 21:16, по што оваа разлика се одржуваше во следниот период од десет минути при што во 54. минута од мечот дојде најголемата разлика и првпат Вардар поведе со осум гола, 29:21.

До крајот немаше потреба од поголем притисок, па сосема мирно беше привршен овој дуел на кој Вардар дојде до 5. победа сезонава во петтиот меч во СЕХА-лигата така што остана на врвот со максимални 15 бода.

ВАРДАР – ППД ЗАГРЕБ     30:23 (17:10)

Сала: СЦ „Јане Сандански“ во Скопје. Гледачи: 700. Судии: Сирхеј Кулик и Дмитри Набокау од Белорусија. Делегат: Сирхеј Кот од Белорусија.

ВАРДАР: Милиќ (15 одб., 2 сед.), Ѓорѓески (1 одб., 2 сед.), Штербик, Недановски 1/1, Поповски, Криштопанс, Македа 2/5, Карачиќ 6/7, Абутовиќ, Кањелас 2/5, Циндриќ, Чупиќ 3/4, Дибиров 6/9, Борозан 5/11, Војводиќ 1/2, Марсениќ 4/5.

Седмерци: 0/2, Исклучувања: 8 мин.

ППД ЗАГРЕБ: Кастелиц 1/2 (3 одб.), Скок (6 одб.), Ж. Марковиќ 2/5, Ереш 1/1, Мраковчиќ 0/2, Божиќ 2/4, Контрец 4/6, Вори 0/1, Д. Марковиќ 2/5, Сушња, Ј. Валчиќ 0/2, Т. Валчиќ, Мандалиниќ 8/16, Хрстиќ 0/1, Вуглач 3/8, Бичаниќ 0/2.

Седмерци: 2/6, Исклучувања: 8 мин.