Перуничиќ го повика Милосављев, Србија ќе бара победи против Белгија и Швајцарија

Српскиот селектор Ненад Перуничиќ го објави поширокиот список за претстојните квалификациски натпревари со Белгија и Швајцарија. На списокот се најде и голманот на Вардар, Дејан Милосављев.

Милосављев се очекува да биде прв избор на селекторот за овие два натпревари, со оглед на тоа што Владимир Цупара не е повикан во овој циклус квалификации, а претходно добиваше шанса од првата минута. Освен вардаровиот голман на списокот се најдоа и Тибор Иванишевиќ од Вецлар, Александар Ѓурѓевиќ од Комло и Тодор Јандриќ од Металопластика.

Пред последните два меча Србија има само два бода или четири помалку од второпласираната Швајцарија. Доколку Србија оствари две победи може да се надева да обезбеди пласман за првенството како втора или една од четирите најдобро трето пласирани репрезентации.

Дуелите се играат против Белгија на 12 јуни на гостински терен и против Швајцарија во Нови Сад на 16 јуни.