Пенезиќ најдобра во Хрватска, но залудно: Романија со втора победа оди во следната фаза

По двата забележани порази од Русија и Норвешка на стартот на Европското првенство, Хрватска ги вкрсти силите со Романија во натпреварот во кој и беше потреба победа од најмалку шест погодоци за влез во следната фаза. Хрватска одигра солидно во првиот дел кој заврши во полза на Романија 15-13, но во второто полувреме Романија доминираше што на крајот значеше победа со резултат 31-26.

Неагу прва постигна погодок на овој дуел, по што Хрватска предводена од Пенезиќ брзо изедначи и брзо го сврти резултатот во своја полза 6-3. Романија возврати со серија од 5-0 во која главна улога имаше Неагу и на средина од првиот дел стигна до позитива од два погодока 8-6. Паузата од 9 минути без погодок конечно ја прекина Пенезиќ во 17та минута и Хрватска ја намали разликата на само еден погодок 8-7. Ракометарките на Романија уште еднаш успеаа да направат солидна резултатска предност, но Хрватска за само неколку минути успеа да се врати во игра 21-11 преку погодокот на Човиќ во 24та минута. Сепак, Романија во своите редови ја имаше расположената Бучеши која ги одведе на пауза со резултат 15-13.

Четири минути и беа доволни на Романија за да стигне до позитива од четири погодоци на стартот од вториот дел. Хрватска имаше потешкотии во нападот што донесе уште поголема предност за Романија 20-15 во 40та минута од дуелот. Пенезиќ уште еднаш ја врати Хрватска во натпреварот намалувајќи ја разликата само на три погодоци 20-17. Дополнителен проблем за Хрватска беше повредата на Мичијевиќ во 45та минута што на спротивната страна донесе најголема предност за Романија 26-19 во последните 10 минути. Хрватска немаше сили за пресврт и на крајот дозволи Романија да се радува на заслужената победа со конечен резултат 31-26.

Неагу со десет погодоци беше најдобар стрелец на овој натпревар, додека во таборот на Хрватска Пенезиќ постигна осум.