Пелистер со победнички крај на полусезоната, триумфираше против Вардар Јуниор

Ракометарите на Пелистер победнички ја завршија 2018 година кога станува збор за натпреварите од Суперлигата. Битолчани на домашен терен беа подобри од Вардар Јуниор со 41-27 и се искачија на третото место на табелата со 29 бодови.

Пелистерци започнаа силовите и од самиот старт најавија дека победата нема да биде доведена во прашање. Домашните поведоа со 6-0, а во финишот на првиот дел избраниците на Петковиќ имаа и највисоки 17-9. На пауза се замина со водство за биточани со 18-10.

Во вториот дел не се промени многу сликата на теренот. Пелистер беше доминантен и само ја зголемуваше својата предност, која на десетина минути до крајот беше највисока 36-21. На крајот Пелистер славеше победа од 41-27.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Табанге Черубин со девет голови, а осум постигна Милан Поповиќ, додека кај Вардар Јуниор стандардно се истакнаа Стефан Крстевски со десет и Дејан Кукуловски со девет погодоци.