Пелистер со негатива патува на реваншот во Вогошча

Во рамките на третото коло од Челинџ Купот, македонскиот претставник Пелистер вечерва во спортската сала „Младост“ го пречека босанскиот состав Вогошча Полјане Хилс. По првите шеесет минути Пелистер во Босна патува со два гола негатива откако вечерва беше поразен со резултат 21-23.

pelvog-9

Резултатот го отвори Чантурија, но комбинациите во нападот на Пелистер, и добрите интервенции на Колев не дозволија промена на резултатот до 6-та минута кога Пекиќ го донесе првиот гол за гостинската екипа. Следеше период во кој Вогошча ја превзема иницијативата, но лошата реализација беше причина дури во 12-та минута за прв пат да го превземат водството на овој дуел (4-5).  Пелистер не дозволи изненадување и ја врати контролата над играта што во средината на првиот дел им овозможи водство од два погодока (8-6). pelvog-11

Ниту тоа не беше доволно да се скрши отпорот на противникот. До 20-та минута ракометарите на Вогошча го изедначија резултатот на 8-8, а веќе во следната минута повторно го превземаа водството за 8-9. По серија грешки на двете страни, Бојан Маџовски од пенал го изедначи резултатот, а по одбраната на Колев во следниот напад Рајатовски повторно ја донесе предноста во посед на Пелистер за 10-9. Последниот гол во првиот дел беше дело на Башиќ за 10-10 во 28-та минута. До паузата двете екипи имаа можност да дојдат до минимално водство, но голманите на двете екипи го креираа конечниот резултат 10-10.

pelvog-13

Вториот дел се одвиваше во слично темпо како и првиот. Многу грешки во нападот на двата тима, удари од неизградена позиција и лоша реализација ги отслика и вторите триесет минути. Пелистер прв дојде до највисоката разлика на овој дуел од два гола (15-13 43′), но по веќе познато сценарио Вогошча веднаш возврати и донесе ново изедначување на овој дуел. Иако домаќините имаа минимална предност во средината на вториот дел во ниту еден момент не се одлепија на поконкретно водство. Голем товар на овој дуел им припадна на голманите на двете екипи (Колев 17 одбрани, Шабановиќ 14 одбрани). Затоа двете екипи продолжија со изедначена и неизвесна борба во која двете екипи се менуваа во водство. Во 52-та минута Пелистер се врати на два погодока предност (20-18), но не успеаа да го задржат. Во наредните две минути со низа од 3 погодоци, Вогошча ја врати предноста во своите редови, а Џиновиќ ги постави и првите два погодока разлика (20-22) на 4 минути до крај. Димитровски го врати Пелистер на минимална предност од еден гол, а домаќините имаа и напад за израмнување во последната минута, но не го реализираа. Затоа Џиновиќ беше прецизен и го постави конечниот резултат 21-23.

Најпрецизен на теренот беше Дивковиќ со 7, додека Медиќ го следеше со 5 голови. Кај домаќините Димитровски беше најрасположен со 5 погодоци, а Чантурија постигна 3.

Реванш натпреварот е закажан во Вогошча за 26.11.2016 со почеток од 19:00.