Пелистер повторно во фокусот: Управата бара решение, навивачите оставки

Од управата на ракометниот клуб Пелистер деновиве се погласни се информациите за новите потенцијални спонзорски договори. Се работи за реномираната компанија за вода, “Пелистерка” која воедно е и еден од сопствениците на ФК Пелистер. Освен Пелистерка најверојатно и ЗК Пелагонија ќе учествува со спонзорство на новиот проект на Касим Каменица. Со новите спонзори клубот би имал стабилност и квалитет за една од првите четири позиции во македонскиот шампионат. Пелистер оваа сезона ќе настапи во Челинџ купот, па управата на Пелистер се надева дека настапот во Европа оваа сезона ќе привлече и други локални бизнисмени да учествуваат во овој проект и конечно по примерот на ФК Пелистер и РК Пелистер да добие финансиска стабилност и нови сопственици, бидејќи моментално единствен сопственик со 100% посед на акциите е Општина Битола.

На само десет дена од почетокот на македонскиот шампионат, најверните навивачи на Пелистер незадоволни од насоката во која се движи нивниот омилен клуб излегоа со барање до управата на општина Битола за оставка на целокупното раководство на клубот. Како што стои во соопштението на навивачката група „Чкембари“ тие повеќе не веруваат на ветувањата од управата, ниту на квалитетот на играчкиот кадар за оваа сезона.

Во продолжение е интегралното соопштение на битолските навивачи:

 

Како граѓани на Битола, како навивачи на македонскиот ракометен бренд РК Пелистер длабоко сме загрижени за ситуацијата во која е нашиот миленик во последните 10ина година.
Години поминати во празни надежи, неисполнети ветувања за враќање на старите патеки, доаѓање на разно разни “спонзори и спасители”, за жал на крај од сето тоа не испадна апсолутно ништо, само нови разочарувања и слаби резултати.
Пелистер од година во година е се послаб, последните две сезони клубот не успеваше да се пласира ниту во плејоф завршницата на слабата по квалитет Супер Ракометна Лига.
Не сме иритирани само на слабите резултати кои ги бележеше клубот, туку и на лошото и непрофесионално работење на управата на клубот, наместо да зборуваме за резултатите и победите главна тема на разговор беа неисплатените плати за играчите, енормно долгиот и неразумен рок во кој клубот требаше и мораше што побрзо да се трансформира во акционерско друштво, составот на управниот одбор и кадровската екипираност во сите структури на клубот, лошата селекција и слабиот квалитет на играчи, посебно ова се однесува на минатата сезона, кога навидум подобрената слика на целокупната организација во клубот требаше да го подигне клубот барем за едно ниво погоре, но за жал немаше ништо од тоа.
Пелистер не само што не се пласира во плејофот, туку успеа да загуби два сениорски репрезентативци на Македонија, најмногу заради пропуст на управата.
Еден маалски клуб како Металург успева да го “издрибла” РК Пелистер, два пати, за само една календарска година, е па веќе премногу е.
Да имаше Пелистер управа која знае што прави, немаше да се дозволи сето ова.
Истото се повторува и во пресрет на новата сезона, наместо како надополнување на доаѓањето на еминентниот стратег Касим Каменица да се донесат играчи кои ќе бидат барем за една класа над оние што останаа од минатата сезона, ова лето бевме сведоци на промовирање на просечни играчи од домашната сцена со кои е асполутно јасно и очигледно дека повторно амбициите на клубот се само учество во плеј офот, и по можност да се обезбеди учество во Челинџ Купот, тоа е премалку за Пелистер и таквото размислување нема да го прифатиме и одобриме.
Пелистер веќе одамна не е важен играч во македонскиот ракомет, епитет кој децении го красеше нашиот клуб.
Време е Пелистер да се врати каде што припаѓа, во борбата за титулите и никаде на друго место, трпение веќе немаме, шанси беа дадени во преголем број, помина цела деценија во надежи и неисполнети ветувања.
Време веќе нема, Пелистер мора да се врати на она место кое што е нормално за еден клуб со таква традиција и многубројна армија навивачи зад себе.
Пелистер мора да се бори за титула, како што му доликува,а не краен дострел да биде влез во плејоф и пласман во Челинџ Купот во најдобар случај.
Пласманот во Челинџ купот сезонава не смее да не залажува, тој е принудно изнуден, по откажувањето на Струмица и Охрид од правото да играат во Европските Купови.
Ова веќе не смее да се дозволува, Пелистер не смее да зависи од другите, време е за коренити промени.
Бараме од вас, како единствен акционер и сопственик на клубот под итно преземање на следните мерки:
Формирање на нова управа, во која наместо досегашниот пример на составот на управниот одбор ќе има место исклучиво за истакнати ракометни работници, стопанственици, луѓе кои со своето знаење, капацитет и пред се финансиски капитал ќе го вратат угледот на РК Пелистер, луѓе кои ќе го подигнат клубот на едно многу повисоко ниво како на играчки, но и на организационен план.
Доколку не сте кадровски и финансиски моќни да го остварите сето ова, апелираме акциите на клубот да се дадат на јавна продажба, по примерот на продажбата на акциите на ФК Пелистер.
Како навивачка група ќе застанеме како и секогаш зад клубот, ќе бидеме присутни на трибините уште од првото коло на новиот шампионат на 17ти овој месец, на дуелот со новите љубимци на “вечниот спасител на РК Пелистер” Силјан Мицевски, клуб кој успеа дури и да го победи Пелистер со високи 5 гола разлика на турнирот во Струга, нешто срамно за клуб како Пелистер, да се загуби од клуб кој во секој поглед е под нивото на Пелистер.
Ќе бидиме на трибините затоа што клубот е над се, но акцентот на навивањето ќе биде најмногу ставен на точките од барањето, така ќе биде се до постигнување на целта, Пелистер да добие управа достојна на нивото на клубот.- стои во соопштението на „Чкембари“.

Првото коло во македонскиот шампионат ќе се одигра на 17ти септември, а Пелистер игра против екипата на Еурофарм Работник. Се очекува голема посета и полна сала на првото градско дерби сезонава, а разрешницата на новата состојба на релација управа-навивачи треба да добие свое продолжение пред официјалниот почеток на новата сезона.