Пелистер не виде мака против Вардар Јуниор

Ракометарите на Пелистер и покрај низата проблеми со кои се соочуваат, пред се од финансиска природа, на теренот го прикажуваат тоа што се очекува од нив. Избраниците на Стевче Алушовски славеа над Вардар Јуниор со убедливи 34:23, во натпревар во кој немаше неизвесност, барем не во вториот дел.

Пелистер отвори со водство 5:0. Тоа не ги обесхрабри младите вардарци, кои полека ја топеа предноста на домашните ракометари, и намалија на 11:10 во средината на првиот дел. Избраниците на Стојан Петрушевски трошеа многу сила, но не можеа да го издржат темпото што самите го наметнаа. Пелистер повторно поведе, па на одмор се замина со предност од плус 3, 18:15.

Во вториот дел немаше веќе никакви дилеми кој ќе биде победникот на овој натпревар и домашните само го зголемуваа водството до конечни 34:23. Стефан Крстевски со 6 голови беше најдобар во гостинскиот состав, додека Дејан Кукуловски даде 5, а Стефан Трпчевски 4 пати ја затресе мрежата на битолчани. Кај Пелистер се истакна десниот бек Михајло Митиќ со 7, а Јагуриновски, Чантурија и Орјоникидзе дадоа по 5 голови.