Пеколни девет дена за двата тима од Македонија во ЛШ и во СЕХА

Двете македонски екипи коишто настапуваат во Лигата на шампионите и во Сеха лигата имаат пеколни девет дена бидејќи мора да одиграат по три квалитетни средби. Поточно овие девет дена важат за Металург, додека Вардар има позбиен распоред и во седум дена ќе ги одигра овие натпревари, но разликата е во тоа што два од натпреварите се на домашен терен.

Како што е познато Вардар гостуваше кај Висла Плоцк во 1. коло од Лигата на шампионите и победи со 26:22. После денешниот слободен ден веќе утре следува меч против тимот на Татран Прешов од СЕХА-лигата од 20:45 часот, а потоа ќе останат само три дена за подготовка за мечот против Нант од 2. коло во Лигата на шампионите. Овој меч се игра в сабота од 17:30 часот во СЦ „Јане Сандански“.

Металург, пак, после гостувањето кај Монпеље во саботата, в среда е гостин на Војводина од 17:45 часот. В недела, пак, ќе игра против Бешикташ во 2. коло од Лигата на шампионите од 17 часот. Оттаму задачата за Раул Гонзалез и за Лино Червар не е нималку лесна бидејќи треба да ја најдат вистинската формула за успех, но и за зачувување на силите на сите ракометари.