Парондо: Тешката работа носи резултат, оваа титула е награда за сите момци

Роберто Парондо успеа во својата прва сезона како тренер на машката екипа на Вардар да дојде до пехарот од СЕХА-лигата. Стигна до титулата која му дава сигурно големи мотиви за до крајот на сезоната да ги води ракометарите до нови успеси.

„Одигравме два многу тешки натпревари во два дена. Игравме против Загреб и натпревар во Лигата на шампионите. Имавме повредени играчи. Гедбан е повреден, Мораеш рано го загубивме, Дисингер исто… Среќни сме поради ова. Играчите беа одлични цела сезона, работеа напорно и на крајот можеме да бидеме задоволни“, изјави Парондо после натпреварот.

Тој не се согласува со тврдењата на неговиот колега од Загреб, Бранко Тамше дека имале среќа.

„Ние игравме добро, но имавме лоши периоди. Сепак, не мислам дека бевме среќни туку тоа го одработивме добро. Дури и имавме тешки ситуации кога откако ќе дадевме гол веднаш потоа добивавме две минути. Повеќе среќа мислам дека имаше Загреб бидејќи кога ние имавме четири гола разлика, тие успеваа да нè стигнат. Ние сме задоволни од направеното бидејќи дојдовме до остварување на важна цел и освоивме нова титула во СЕХА“.

Проблемите за Вардар продолжуваат на позицијата лев бек бидејќи сега Дисингер е повреден, па одново Парондо не може да смета на тројцата играчи.

„Ова е спорт и ќе видиме како ќе биде. Реално е дека имаме цела сезона проблеми. Прво беше Горбок, потоа Вуко, сега Дисингер. Постојано сме во проблеми на оваа позиција“.

Парондо вели дека на полувреме се обидел колку може повеќе да ги мотивира и да ги насочи ракометарите кон натпреварот на теренот со оглед на тоа што сите мислеле на повредата на Дисингер.

„Се договоривме дека мораме да играме силно. Знаевме дека одбраната на Загреб е со многу интензитет и дека мораме да играме јако. Зборувавме дека ни треба победата. Сите мислат на Дисингер, но мора да кажам дека сите играчи направија многу за оваа титула и дека таа е за сите нив“.

Сега следуваат денови за репрезентацијата, па ќе биде навистина тешко и да се одмори и да се работи за следните средби.

„До понеделник сите се слободни. Оние кои не се со репрезентација и ќе останат во Скопје продолжуваме со работа во среда. Ќе работиме заедно неколку дена, па ќе продолжиме да играме средби во домашно првенство“.