Парондо: Можеби Шпанија е чекор пред нас, но затоа Русија, Тунис и Бразил се на наше ниво!

Македонската младинска репрезентација денес со почеток во 14 часот по локално време го започнува својот настап на Светското младинско првенство во Алжир. Младинците во група со Русија, Шпанија, Бразил, Тунис и Буркина Фасо ќе се борат за место во елиминациската фаза која води до финалните натпревари. Потребни се победи и пласман на една од првите четири позиции во мундијалската група Ц.

Во Алжир е комплетниот стручен штаб предводен од Илија Темелковски и неговиот помошник Ице Соколески, а дополнителна поддршка ќе им биде помошник-селекторот на сениорската репрезентација Роберто Гарсија Парондо.

Тука сум да помогнам. Ќе подготвувам анализи и ќе се обидам да дадам совет во некои сегменти од нападот или одбраната.- вели поранешниот шпански репрезентативец.

Во рамките на подготовките младинците имаа два контролни натпревари со репрезентацијата на Катар. Од Доха селекцијата на Илија Темелковски се врати со половичен успех, а впечатоците од Катар ги сподели и искусниот шпански ракометар.

Како што кажа и селекторот со нивото на играта која ја покажавме во Катар немаме никакви шанси за висок пласман, затоа се обидовме да поправиме некои работи и се надевам дека играта ќе биде на повисоко ниво.

Помошник селекторот на сениорскиот национален тим на Македонија најдобро го познава шпанскиот ракомет и токму затоа смета дека финалистите од кадетското светско првенство во Русија се едно ниво повисоко од останатите репрезентации во групата Ц.

Шпанците имаат поразличен стил, не се многу високи, но играат цврста одбрана знаат како да играат знаат кога да притиснат ќе биде тешко, но ќе видиме… Ја анализиравме Русија, една висока и цврста селекција, имав можност да го гледам и Тунис, тие се добра екипа која пред една седмица го победи Катар, а за Бразил слушнав дека се добар тим. Можеби Шпанија е еден чекор пред нас, но затоа Русија, Тунис и Бразил повеќе или помалку се на исто ниво со Македонија.

Младите македонски ракометари имаат вистинска шанса да се запишат во историјата како најуспешна генерација младински репрезентативци. Квалитет не недостасува, но недостасува тимски дух и победнички менталитет.

Ќе размислуваме само за првиот натпревар, во деновите пред првенството ќе се обидеме да се мотивираме и да ја подобриме играта, да се подготвиме за дуелот со Русија, а потоа ќе размислуваме ден за ден.-заврши Парондо.

Македонија првиот дуел на овој шампионат ќе го одигра против селекцијата на Русија со почеток од 15 часот во спортската арена „Хечене Харча“ во последниот натпревар на денешната програма од групата Ц.