Парондо и Брестовац за Кизиќ: Марко е одличен голман, пред него е голема иднина

Младиот голман на Вардар, Марко Кизиќ ја доби довербата на тренерот Роберто Парондо, кој во желбата да ги одмори голманите му даде шанса на играчот кој во јануари ќе наполни 18 години.

Кизиќ беше херој во победата на Вардар и играч на средбата бидејќи со својот придонес во клучните моменти буквално ги запре противниците и го покажа целиот свој потенцијал.

„Марко Кизиќ е одличен голман. Тоа го потврди и на теренот. Тој работи одлично и заслужи да добие шанса. Задоволен сум од него. Тој е дел од група на одлични голмани. Ние имаме пет супер голмани. Во Вардар се и Милосављев, Гедбан, Петковски и Ѓорѓески. Сите се одлични и можеме да бидеме задоволни од тој дел“, коментираше Роберто Парондо после натпреварот.

Со оглед на тоа што се работи за првиот избор за голот на кадетската репрезентација, а таму селектор е Данило Брестовац секако интересно беше да се слушне и неговото размислување по ова прашање.

„Не сум изненаден што Кизиќ доби шанса за да игра против Металург. Напротив тоа беше многу паметно решение од Парондо. Кизиќ цело лето работеше со поголемиот дел од играчите на Металург во младинската и кадетската репрезентација и одлично ги познава. Се работи за огромен потенцијал и голман кој треба да продолжи со одличната работа. Доколку работи како досега тогаш наскоро го гледам и на голот на сениорската репрезентација“, изјави Брестовац.

Кизиќ средбата против Металург ја заврши со 13 одбрани од игра и два седмерци, а добар дел од нив беа во завршницата кога Вардар мораше да достигне четири гола негатива и да направи пресврт.