Парижаните можат и без Карабатиќ: Судирот на титаните заврши, ПСЖ слави!

Во Париз се одигра битката на титаните, во рамките на шестото коло од Лигата на шампионите. Моќниот француски состав ПСЖ, ги вкрсти копјата со унгарскиот шампион и финалист од минатогодишното издание на Ф4 турнирот во Келн.
Гостите го постигнаа првиот погодок, но серијата од четири невозвратени прецизни удари на ПСЖ им овозможија контрола врз играта и резултатот. Гостите брзаа со своите удари, а по секој примен гол, домаќините најчесто преку Карабатиќ или Хансен ја завршуваа својата акција за неколку секунди. Брзиот и динамичен ракомет најдобро го искористија ракометарите на Нока Сердарушиќ, а постојаното водство од два гола, во последната минута од првиот дел Хансен и Вори го претворија во разлика од четири погодоци, за конечни 16-12 по првите триесет минути.
Во вториот дел, французите имаа и пет погодоци предност, но унгарскиот шампион со серија од 4-0, во 36-та минута се доближи на минимална негатива од само еден гол. Веспрем имаше и напад за водство, но Палмарсон беше непрецизен, по што ПСЖ преку Хансен повторно создаде предност од три погодоци. Проблемите за домаќините започнаа во 45-та минута кога предводникот на ѕвездениот тим Никола Карабатиќ заработи директен црвен картон. Конфузноста во играта на ПСЖ резултираше со лесни погодоци за гостите кои преку Сулиќ(на два пати) и Угалде на десет минути до крајот за прв пат го изедначија резултатот на 22-22. Со неизвесни 27-27 натпреварот влезе во финалните две минути. Одлични меѓу стативите беа Алиловиќ и Омејер, но фантастичниот удар на Хансен на една минута пред крај не можеше да се одбрани затоа домаќините имаа предност од 28-27. Последниот напад за израмнување им припадна на гостите, но Момир Илиќ наместо на својот му додаде на противничкиот ракометар, а Бараше ја искористи укажаната шанса и ги постави конечните 29-27. Веспрем до крајот на натпреварот доби уште една шанса за почесен гол и минимален пораз, но голманот Аноне го одбрани ударот од седум метри на Илиќ и стави точка на овој натпревар.
Микел Хансен со 11 погодоци беше најдобар на теренот, Лук Абало уфрли 7 голови за својот тим, додека во гостинските редови, Палмарсон со седум и Илиќ со пет беа најрасположени за игра.

ФОТО : TeamPics/PSG