Палмерсон нападнат во Рејкјавик, настапот на СП е доведен во прашање!

Во петокот вечерта две непознати лица го нападнале централниот бек на исландската репрезентација, Арон Палмерсон во главниот град на Исланд, Рејкјавик. Нападот се случил додека тој со негов роднина се обидувале да влезат во такси по вечерното излегување.

„Се сеќавам единствено дека лежев на земја и две лица бргу избегаа“

-изјави Палмерсон за исландските медиуми.

 

Иако првичните прегледи покажале дека се работи само за површински повреди, сепак моторот на репрезентацијата на Исланд и германскиот шампион Кил ќе мора да паузира најмалку десетина дена откако по темелните прегледи е констатирана повреда на јаболчницата. Палмерсон ќе ги пропушти пријателските дуели со Германија.
Тренерот на исландската репрезентација Арон Кристјансон првично прогнозираше дека се работи за помала повреда, но откако ја увидел реалната ситуација за исландскиот портал visir.is оптимистички изјави:

„Сигурен сум дека настапот на Светското Првенство не е доведен во прашање. Веста беше шок за сите нас. Сите се прашуваме зошто и како се случуваат вакви работи. Лошо е што ќе ги пропушти првите тренинзи со селекцијата, бидејќи недостасуваше на претходните настапи поради повреда и добро ќе беше повторно да се прилагоди на репрезентацијата. Тој е разочаран, а истотака разочаран сум и јас.“