Палмарсон чека Барса да плати милион евра и да може да игра

Најдобриот ракометар на Исланд, Арон Палмарсон останува во тешка ситуација и во неизвесност. Тој и понатаму е без ангажман и не е сигурен дали сезонава воопшто ќе може да игра бидејќи Барселона не сака да го плати големото обесштетување за порано да го донесе во своите редови.

После суспензијата од Веспрем, тој е надвор од терените и воопшто не е во плановите на Љубомир Врањеш за натпреварите од Лигата на шампионите и од првенството на Унгарија. Палмарсон во моментов е на Исланд, а Веспрем бара еден милион евра за предвреме да го ослободи од обврските.

Со оглед на тоа што има договор до следното лето и веќе се има договорено тогаш да се пресели во Барселона, останува веројатно да почека и тогаш да се пресели во Шпанија.

Како што стојат работите во моментов, Палмарсон не е регистриран за настап во Лигата на шампионите. Доколку пронајде друг клуб ќе може да добие право на настап после 31 октомври. Во спротивно ќе мора да почека до 1 февруари.

Според сите вести најверојатно ќе мора да мирува до крајот на оваа сезона.