Палмарсон пред суспензија: Дојде, се виде со Врањеш и си замина за Исланд

Денес официјално стартуваа подготовките на унгарскиот првак. Но уште на самиот старт новиот тренер Љубомир Врањеш се соочи со сериозни проблеми. На 15 минути пред почетокот на првиот тренинг Арон Палмарсон му соопштил на новиот кормилар на Телеком Веспрем дека повеќе не сака да се појавува на тренинзите и наместо на тренинг заминува дома во Исланд.

Шведскиот стратег веднаш го информирал клубот и раководството дека повеќе нема да смета на ракометарот, бидејќи со овој потег тој покажал дека не ги почитува соиграчите, ги ставил своите интереси пред тимот, и покажал однесување кое не се совпаѓа со филозофијата на ракометот.
Палмарсон веќе одамна има проблем со управата на унгарскиот клуб, како што веќе пишувавме, во неколку наврати се заканил со заминување, а лошата атмосфера кулминираше откако јавно беше обелоденето дека одличниот исландски ракометар заминува за Барселона веднаш по истекот на договорот во 2018.
Веспрем и Барселона на крајот на јуни не успеаа да се договорат Палмарсон да замине за Шпанија една година порано, бидејќи унгарците поставиле висока сума како обештетување (милион евра). Затоа Исланѓанецот се уште е под договор со Веспрем, што значи дека управата на клубот најверојатно ќе донесат одлука да го санкционираат централниот бек со казна суспензија поради сериозно прекршување на неговиот договор.
Како што најавија од клубот во наредните денови ќе повлечат легални мерки и ќе ги активираат клаузулите во договорот со што Арон Палмарсон ќе биде суспендиран и ќе се побара соодветна финансиска одговорност пред соодветните организациите на ЕХФ и ИХФ.