palevski

Давор Палевски: Сега сме послаби од лани, но ќе биде подобро

Херој на првото коло во Супер машката лига е левото крило на Работнички и ракометар кој беше дел од младинската репрезентација на Македонија што заврши на 6. место на Мундијалот во Алжир, Давор Палевски. Крилото на Работнички во само 2-3 минути од трагичар се издигна во херој и донесе голем бод за својот тим во меч во кој постојано беше во негатива.

Тој прво промаши удар од седум метри. Топката заврши во статива, па во аут, но потоа за помалку од 30 секунди реализираше двапати за реми против Струга.

„Oва е голем бод за нас. Ние годинава влеговме во Супер лигата и сезонава не очекуваат многу потешки натпревари. Следната средба ни е со Охрид каде што не чека потежок дуел. Ќе мораме малку повеќе да се ангажираме и да ја поправиме играта. Едноставно мораме да го намалиме бројот на промашени зицер удари ако сакаме подобри резултати“, изјави Палевски за 24 Ракомет.

Тој смета дека им е потребно време за да можат да го достигнат нивото кое е потребно за подобри резултат.

„Уште не сме доволно вклопени во тимот. Имаме нови играчи и нови интернационалци, сепак,  со тек на време и со тренинг можеме да дојдеме до посакуваната форма. Сега сме послаби во однос на лани, но со тек на време ќе биде многу полесно и како ќе одминуваат тренинзите така ќе биде сè подобро“, изјави Палевски кој сезоната ја почна со девет погодоци.

Следниот меч за Работнички е во Охрид каде што ќе биде исто така тешко како против Струга на домашен терен.