Пак турбуленции во Битола: Нов градоначалник, нова управа во Пелистер, што е следно?

Дел од клубовите во машката Супер лига се формирани и под водство на локалната самоуправа, а истото се однесува и за Пелистер. По изборот на нов градоначалник на Битола деновиве се очекува и седница на која ќе се разреши досегашната управа на клубот и ќе се назначи нова.

Седницата се очекува да биде до крајот на неделава, а со промените не само што ќе биде опфатен УО на клубот, туку можно е и промена на тренерската позиција. Во ракометните кругови во Битола се почесто се споменува името на Борче Марковски како нов кормилар на клубот.

Дека нешто навистина се планира покажува и фактот што Марковски иако има мастер коуч лиценца од ЕХФ пред сезоната ја одби понудата на женската екипа на Пелистер за нивно превземање. Сите очекуваа нешто да се смени во раководењето со општината и да се добијат некои нови позиции во клубот.

Сега тренер на екипата е Стефче Алушовски кој лани во текот на сезоната го замени Касим Каменица. Алушовски потекнува од Битола и се најавуваше како тренер со кого треба клубот да тргне во подобри ракометни води.

Според извори на 24ракомет веќе било дефинирано кој треба да влезе во новата управа, и меѓу нив има повторно спортски работници, па дури и судии. Се работи и на евентуална фузија на двата клуба, Пелистер и Еурофарм Работник. Во саботата на прошталниот меч на Бранислав Ангеловски, се појави комбинирана екипа од играчи на Пелистер и Еурофарм Работник кои играа против „другарите на Ангеловски“. Тоа се протолкува и како почеток на затоплување на односите на двете екипи, чии меѓусебни односи и не се баш на некоe ниво во моментов.

Пелистер сега е прв на табелата по 5 одиграни натпревари. Битолчани имаа четири победи и само еден пораз. Неделава Пелистер дома треба да игра со Вардар јуниор, а потоа се игра градското дерби со Е.Работник на 11 или 12 ноември.