Ојлески: Радовиш дома секогаш игра добро, но и ние имаме свои шанси

После две кола во кои имаше неколку интересни средби на врвот на табелата во Супер машката лига се наоѓа екипата на Радовиш која има две минимални победи. Распоредот е таков што на тимот му носи ново дерби кое ќе биде одиграно во салата 25 Мај во Радовиш, а таму Еурофарм Работник ќе има навистина тешка задача за да успее да се избори за нови бодови. Левото крило Гоце Ојлески го почитува противникот, но вели дека неговиот тим оди на победа.

„Натпреварот со Радовиш ќе биде исклучително тежок за нас, затоа што противникот на домашен терен игра одлично, а секогаш е бодрен од верните навивачи, кои создаваат убава атмосфера. Радовиш има неколку искусни играчи, пред се тука Паунов и Левов, како и интернационалците од Црна Гора, Чизмовиќ и Мајиќ, кои и претходно играа во македонскиот шампионат. Ние секако дека имаме свои шанси и одиме да оствариме позитивен резултат.“ – изјави репрезентативното крило.

Натпреварот меѓу Радовиш и Еурофарм Работник се игра денеска со почеток во 18 часот во СЦ „25 Мај“.