Очајна игра, заслужен пораз од Полска

Во првиот натпревар од квалификацискиот турнир во Гдањск, репрезентацијата на Македонија доживеа пораз од домашната селекција на Полска со 25-20 (13-9). Полјаците одлично ја имаа простудирано играта на Македонија и во ниту еден момент не ни дозволија да се надеваме на позитивен резултат на стартот на квалификациите.

ПОЛСКА-МАКЕДОНИЈА 25-20 (13-9)

Полјаците офанзивно го отворија натпреварот и по четири минути имаа водство од 3-1. Нашата репрезентација возврати преку Манасков кој двапати пресече топка на противникот и со успешна реализација израмни на 3-3. Лазаров со својот прв погодок го донесе последното израмнување во првиот дел (4-4), а од тој момент Полска го диктираше темпото на натпреварот. Првиот посериозен удар ракометарите на Душебаев го зададоа во 12.минута кога по серијата од 3-0 која ја отвори расположениот Крајевски а ја затвори Бартош Јурецки, поведоа со 7-4. Во продолжението нашата репрезентација неколкупати се обиде да се врати во игра, но тешко одеше само со расположениот Лазаров (5 гола во првиот дел). На средината на првото полувреме Македонија ја пронајде својата игра во одбраната. Полјаците цели 10 минути беа без погодок, но сето тоа беше залудно бидејки нашите репрезентативци грешеа во моментите кога требаше да се вратат во игра. И покрај се Лазаров со петтиот погодок во 23.минута успеа да намали на (10-8), а во следните неколку минути со играч повеќе на теренот не успеавме да стигнеме на само гол негатива. Полјаците ги казнија нашите промашувања, и преку Биелецки кој постигна два гола во самиот финиш заминаа на полувреме со највисоки 13-9.

OK Gdansk 2016 Chile-Tunis OK Gdansk 2016 Polska-Makedonija 08.04.2016-4700

Јурецки и Крајевски со два гола на стартот на вториот дел ја доведоа Полска до највисоки +6 (15-9). Црвено-жолтите тешко ја пробиваа полската одбрана на чело со Шмал, но одличниот Митревски со два одбранети зицери се обидуваше да ја подигне анемичната Македонија. Конфузната игра во нападот продолжи, а полјаците рутинирано успеваа да ја одржат високата позитива. Биелицки на десетина минути до крајот ја доведе Полска на највисоки +8,(23-15). Во последните десетина минути Полјаците го намалија темпото, а нашата репрезентација успеа да намали дел од високата предност за конечни 25-20.

Во нашата репрезентација најпрецизни беа Лазаров со 8 и Георгиевски со 4 постигнати погодоци. Митревски имаше одлично враќање на голот на Македонија забележувајки 7 одбрани од 14 удари.(бранеше само во вториот дел). Во селекцијата на домаќинот најмногу се истакнаа Биелецки со 7 и М.Јурецки со 4 реализации. Одличен на голот на Полска беше Шмал кој запре 15 удари на Македонија.

Македонија утре со почеток во 18:00 часот го игра вториот натпревар против репрезентацијата на Тунис.