Охриѓани се главни покрај езерото

Ракометарите на Охрид славеа со 22-20 во третото езерско дерби оваа сезона. Избраниците на Горан Андоновски му се одмаздија на локалниот ривал Струга, кој ги запре во обидот да стигнат до плеј-оф во Суперлигата.

Стружани даваа голем отпор во првиот дел, најчесто се играше гол за гол. Охрид првпат се одлепи на 7-5, но гостите веднаш вратија за 7-7. Потоа двете екипи наизменично погодуваа, но една грешка гостите ги чинеше негатива на паузата од 12-10.

Во вториот дел Цителишвили доби црвен картон поради трето исклучување, па Струга остана без ротација на бековските позиции. Тоа го искористија домашните и се одлепија на највисоки дотогаш, +5, 18-13 на петнаесетина минути до крајот.

Брауновиќ беше одличен на голот на домашниот тим, стружани успеаја да намалат на минус два во финишот, 22-20, но сепак бодовите останаа за Охрид. По пет голови за домашните постигнаа Блажески и Тасески, додека кај стружани се истакнаа Дикаминџија, Тренчевски и Николиќ со по четири погодоци.