Охриѓани едногласни: По македонската, да се напише и европска историја

Ракометарите на Охрид минатата сезона напишаа убава страница во клупската историја, откако завршија први во регуларниот дел од сезоната во Суперлигата. Како награда за тој пласман ги добија европските натпревари во Купот на ЕХФ, каде противник е екипата на Волендам од Холандија. Двата натпревари ќе се играат во СЦ „Билјанини Извори“, па самото тоа му дава предност на македонскиот тим во борбата за пласман во второто квалификациско коло и дуели со португалскиот Порто.

Тренерот Горан Андоновски оптимистички ги дочекува двете средби.

„Ова е првпат во Охрид да се играат еврпски натпревари, ние потполно ги заслуживме овие дуели, бидејќи завршивме лани на прво место во регуларен дел, а потоа и зад Вардар и Металург во плеј-офот. Рано ги започнавме подготвките за оваа сезона. Одигавме пет натпревари со силни противници кои играт и во Лигата на шампиони, иако имавме мал пех со повредата на Кобетиќ. Немавме снимки од холандскиот тим од новата сезона, но знаеме од каде доаѓа најголемата опасност. Играат слично на скандинавците, но ние добро париравме на пример на Алингсас во Струга. Клучна ќе биде играта во одбрана. Со добра и добар голман, се надеваме на крајот дека ќе излеземе како победници. Тука се Славиша Димитријески, Јосип Кежиќ, Јовица Младеновски, а и Дервиш Бирдахиќ кои можат да помогнат во отсуство на Кобетиќ, бидејќи имаат веќе европско искуство. Се надевам дека публиката ќе не поддржи во голем број и викендов нека биде ракометен празник во Охрид.“ – изјави Андоновски.

Капитенот Крсте Андоновски верува во неговиот тим и вели дека се максимално подготвени за да одиграат два натпревари во два дена на високо ниво.

„Волендам има неколку квалитетни поединци, но наша е предноста на домашен терен и се надевам дека ќе ја валоризираме таа предност и ние ќе бидеме патници во следното коло. „Рибарите“ се тука секогаш за нас и се надевам дека и денеска и утре ќе бидат во салата. Иако во однос на лани имаме помалку играчи на крилните позиции, товарот е на мене и на Блажески, сепак се подготвивме одлично во изминатиот период и можеме да одиграме два добри натпревари за помалку од 24 часа. Во Струга се држевме добро против Бешикташ, славевме над шведскиот вицепрвак Алингсас, а игравме добро и против македонските екипи во Охрид, па тоа ја подобрува уште повеќе атмосферата во екипата.“ – вели Андоновски.

Голманот Благојче Трајкоски често знаел да биде во улога на спасител и човек на одлука во охридскиот тим. Тој очекува дека одбраната ќе биде на ниво и ќе му помогне и него во задачата да бидат примени што помалку голови.

„Од стартот на подготовките се подготвуваме за Волендам. Тие се поискусна екипа од нас кога станува збор за европските натпревари, кај нас има играчи што првпат ќе играат вакви дуели. Имаат неколку засилувања, меѓу кои и средниот бек Мршуља, но добрата игра во одбрана го краси нашиот тим и е главен адут. Кобетиќ ќе ни недостига како во напад така и во одбрана, но имаме многу бекови во ротацијата, па се надевам дека ќе го надополнат неговото отсуство. Се надевам дека моите соиграчи ќе бидат одлични во одбрана и ќе ми ја олеснат задачата.“ – изјави Трајкоски.

Двете средби меѓу Охрид и Волендам се играат денеска и утре во СЦ „Билјанини Извори“ со почеток во 19 часот.