Охрид не виде мака против Работнички

Ракометарите на Охрид, имаа успешна премиера на домашен терен во новата сезона и го совладаа новајлијата во елитата, Работнички, со убедливи 34-22 (18-10) во второто коло од Суперлигата.

Избраниците на Раде Стојановиќ во текот на целиот меч го контролираа резултатот и во ниту еден момент не му дозволија на гостинскиот тим да се понадева на позитивен резултат.

Охриѓани тргнаа со водство од 5-0. Работнички после десеттина минути се стабилизираше и покажа заби намалувајќи на 8-5, но на пауза се замина со 18-10.

На стартот на второто полувреме нова серија од 4-1 на „гладијаторите“ кои стигна до убедливо водство 22-11. Стојановиќ ги ротираше ракометарите, но тоа не се почувствува во резултатот и тие славеа убедливо со 34-22.

Најдобри поединци во победничкиот тим беа Блажески со шест и Кривокапиќ со пет голови, додека кај Работнички се истакна Палевски со десет погодоци.