Охрид на турнир во Тузла, в четврток во полуфинале против домаќинот

Екипата на Охрид ја одработува фазата на подготовките кога се играат контролни средби и се крева формата, а на досегашните три средби неделава следуваат уште нови три со што тренерот Раде Стојановиќ ќе може да види до каде е формата на неговите ракометари.

После двете средби со Беса и една со АЕК веќе утре охриѓани гостуваат во Скопје каде што ќе ги одмерат силите со дебитантот во Првата машка лига, КЛ 7-Лазаров. Средбата ќе се одигра во салата во ОУ „Круме Кепески“, а потоа Охрид заминува за БиХ каде в четврток и петок ќе игра на турнир во Тузла.

По повод 60 години од постоењето на клубот, Слобода од Тузла го организира овој меѓународен турнир на кој ќе има екипи од Македонија, Унгарија, Србија и БиХ. Во првиот меч кој на 22 август ќе се одигра од 17:30 часот ќе играат екипите на Орошази и Металопластика. Од 20 часот ќе играат Охрид и Слобода. Победниците в петок ќе играат од 18 часот, додека од 15:30 часот на терен ќе се најдат поразените во битката за 3. позиција.

„Имаме уште многу за работа. Допрва ќе ја креваме формата. Имаме комплетно нова бековска линија и мораме да работиме напорно за нејзино уигрување. Овие средби ќе ни покажат многу за формата и очекувам постепено да дојдеме до она што ни е зацртано за новата сезона“, вели тренерот Раде Стојановиќ.

Во 1. коло од новата сезона, тимот на Охрид ќе гостува во Скопје и тоа кај секогаш незгодниот ривал, Пролет 62.