Охрид и Прилеп повторно при врвот!

Охрид и Прилеп со победи се зацврстија меѓу најдобрите три екипи во националниот шампионат, откако ги одиграа натпреварите од 11-то коло во македонската Супер лига.

Со победата на домашен терен против Металург 2, екипата на Охрид се зацврсти на втората позиција со 27 бодови. Конечниот резултат гласеше 40-26, а најдобри на дуелот беа Тасески со шест и Андоновски, Хогас, Белески и Трифуновски кои постигнаа по пет погодоци за домаќинот. Младите ракометари од Скопје немаа сили да им се спротивстават на охриѓани.

Уште на самиот почеток Охрид создаде двоцифрена предност која до крајот на првиот дел изнесуваше 21-8. Во формалниот втор дел од натпреварот својата шанса ја добија речиси сите ракометари од составот на Андоновски.Тие ја оправдаа довербата и го приведоа дуелот кон посакуваниот крај за конечни 40-26. Кај гостите Димитриоски постигна девет погодоци, а Стојковски беше прецизен четири пати.

Со новите три бода Охрид се зацврсти на втората позиција во македонската Супер лига, пред Прилеп и Работнички кои имаат шест бодови помалку. Металург 2 останува на дното на табалата со еден освоен бод.

Прилеп на домашен терен обезбеди нови три бода совладувајќи го Борец од Велес со резултат 28-24 (14-12). Во изедначено прво полувреме, домаќините со трпелива игра обезбедија предност од 14-12 на крајот на првите триесет минути. Во вториот дел, Борец се обидуваше да ја достигне предноста на Прилеп,  а во самиот финиш го изедначи резултатот на 24-24. Сепак гостите немаа сили за пресврт и застанаа на 24 погодоци на овој натпревар, последниот удар домаќините го зададоа со четири голови во низа за конечни 28-24.

Со оваа победа, Прилеп се искачи на третата позиција пред Работнички. Борец останува на претпоследното место на табелата со вкупно седум бодови од 11 одиграни средби.

Во среда лидерот во македонскиот шампионат му гостува на Работнички во Форца од 17:45, а дерби натпреварот од средината на табелата меѓу Пролет и Пелистер е закажан за четврток со почеток од 19:00.