Охрид загуби и му ја препушти втората позиција на Работнички по регуларниот дел од сезоната

Македонскиот шампионат дојде до крајот на првата фаза. Со дуелот меѓу Вардар Јуниор и Охрид се затвори регуларниот дел од сезоната во Суперлигата. Останува да се одигра плеј-оф односно плеј-аут фазата кога ќе биде познато кои екипи ќе играат во најсилната конкуренција и наредната сезона.

Охрид долг период беше второпласиран тим во македонскиот шампионат, но со денешниот пораз од Вардар Јуниор му ја препушти втората позиција на Работнички. Двете екипи се изедначени со 39 бодови, но во меѓусебниот дуел Работнички е поуспешен.

Охриѓани во Скопје допатуваа само со 12 играчи, а домаќините уште по стартните 3-1 најавија дека со победа сакаат да ја завршат регуларната сезона. Разликата од два погодока, се задржа во текот на сите триесет минути, за на полувреме двете екипи да заминат со резултат од 14-12.

Вториот дел се одигра во исто темпо како и во првото полувреме. На самиот почеток, Вардар Јуниор имаше три погодоци предност (16-13), но Охрид не дозволи домаќинот да се одлепи и да прослави лесна победа. Тие на неколкупати се доближија на само еден гол негатива, но немаа сила да го израмнат резултатот. На крај Вардар Јуниор славеше победа со конечен резултат 23-22.

Најпрецизни кај домаќините беа Чурлевски и Поповски со седум, додека кај Охрид Стојановиќ постигна осум голови.