Охрид ги покажа картите за наредната сезона

Македонскиот Суперлигаш, екипата на Охрид 2013 пред започнување на новата сезона излезе со соопштение околу сите случувања кои ги пратеа на крајот на минатата сезона и почетокот на летниот подготвителен период. Како што истакна спортскиот директор на клубот, во новата сезона Охрид ќе влезе со нов тим составен од неколку играчи од ланскиот состав (Трајковски, Кежиќ, Андоноски, Белески, Новаковиќ и Трифуноски), а меѓу позвучните засилувања е името на Јовица Младеноски, Дарко Јанев и Марко Кобетиќ. Во продолжение интегрално ви го пренесуваме ставот на управата:

С О О П Ш Т Е Н И Е

РК ОХРИД 2013 во очи на почетокот на натпреварувачката 2016/17 ги започна подготовките за престојниот настап во Машката Ракометна Супер Лига. Иако во дел од медиумите во текот на изминатиот период проструија голем број на шпекулации и нагаѓања, клубот со ова соопштение за прв пат по завршувањето на претходната сезона излегува со официјален став, со кој сакаме да ги демантираме сите невистини околу распаѓањето на клубот, егзодусот на играчи и слични дефетистички сценарија. Напротив, во овој период управата на клубот, без било какви медиумски експонирања, неуморно работеше во реконструкција на клубот, кој минатата година ги постигна своите највисоки дострели во својата историја, со што ги надмина и своите амбиции и очекувања, а на еден начин и созреа во техничкото и организациското работење, притоа увидувајќи ги сите позитивни како и негативни особини и на играчите и на управата. Дел од играчите од минатата сезона добија повисоки финансиски понуди од други клубови, воедно и сосема очекувано е и да еволуираат во својот играчки развој и својата иднина да ја продолжат во друга екипа, додека дел од играчите направија сериозни прекршоци во однос на дисциплинскиот правилник на клубот при што соработката со нив беше прекината. Во секој случај, управата им се заблагодарува на сите што беа дел од историската сезона на РК ОХРИД 2013.
Оваа сезона, клубот воглавно се насочи кон носење на домашни играчи (бројот на странци од 6 е намален на 3), а посебен акцент им дава на младинските играчи на РК ОХРИД 2013 кои веќе тропаат на вратата на првата екипа. Под палката на тренерот Горан Андоноски, договорите ги продолжија Благојче Трајкоски (голман), Крсте Андоноски и Валентино Белески (лево крило), Јосип Кежиќ и Слободан Новаковиќ (бекови) и Ацо Трифуноски (десно крило), додека нови играчи на РК ОХРИД 2013 се Александар Стојаноски – голман (РК Борец), Јовица Младеноски – лев бек (Хапоел Ришон Ле Зион), Марко Кобетиќ (Хрватска) – среден бек (Гренобл, Франција), Лазар Адамовиќ (Србија) – десен бек (Мало, Италија), Бобан Блажески – десно крило (Радовиш), Дарко Јанев – пикер (Тинекс Пролет), Бојан Спасовски – пикер (Вардар Јуниор). Имајќи ги во предвид финансиските можности на клубот, сметаме дека изборот на играчкиот кадар ќе овозможи формирање на компактен колектив кој и оваа година ќе атакува на плеј офот и ќе ги повтори успесите од минатата година. Во наредниот период ќе се работи со три тренинзи дневно во склоп на СРЦ Билјанини Извори, а потврден е настапот на меморијалниот турнир „Миле Нешкоски“ во Прилеп каде што ќе се обидеме да го одбраниме минатогодишниот трофеј.
Во оваа прилика сакаме да се заблагодариме на Општина Охрид и Градоначалникот Бакрачески, кои и оваа сезона ќе бидат главните финансиери на клубот, а упатуваме и јавна благодарност до сите верни навивачи како и навивачката група Рибари, за поддршката која ни ја даваат, и воедно ги уверуваме дека и оваа сезона во Охрид ќе се гледа врвен ракомет а екипата ќе се бори макслимално да ја оправда нивната доверба.
Секогаш со срце за Охрид!

РК ОХРИД 2013                                                                                                                                   09.08.2016
Ѓоко Апостолов
Спортски Директор