Охрид ги отвори подготовките со победа против клуб од Купот на ЕХФ

Суперлигашот Охрид, кој во новата сезона одново најавува битка за излез во европските купови денеска ја одигра првата контролна средба на која успеа да забележи победа. Охриѓани како гости во Пеќ славеа против Беса со 23:21 со што покажаа дека можат да играат квалитетно и против клубови кои ќе играат во Купот на ЕХФ.

Беса е шампион на Косово и претставник во Купот на ЕХФ. Охрид, пак, покажа дека полека се темпира формата за почетокот на сезоната и сосема извесно е дека како ќе одминува времето така ќе биде сè подобро. Инаку, најефикасни беа двајца од поискусните ракометари кои и во претходните сезони настапуваа за тимот на Охрид.

Десното крило Бобан Блажески постигна осум, а пивотот Тасевски четири погодоци.

Двете екипи и утре ќе одиграат натпревар, по што следува продолжување на подготовките. Охрид на почетокот на новата сезона ќе гостува во Скопје кај тимот на Пролет.