ОФИЦИЈАЛНО: Хорхе Македа во „црвено-црниот“ дрес до 2018

Ракометарот на Нант и шпанската ракометна репрезентација, Хорхе Македа е новото засилување на Вардар. Иако веќе одамна беа познати деталите околу трансферот на шпанскиот интернационалец, денес договорот на Македа и официјално беше претставен на официјалната страна на Вардар.
Десниот бек на Нант зад себе има настапи за Барселона, Алкобендас и Арагон, а со екипата на Нант беше домаќин на Ф4 турнирот во ЕХФ Купот (2012/2013).
Тој ја засилува позицијата на која досега настапуваа Терзиќ и Петриќ, кои нема да бидат дел од новата сезона на Вардар.
Македа (27 години, 195 см висок) е роден во Толедо, Шпанија, а во првенството на Франција настапуваше изминативе три сезони. Искусниот бек зад себе има и медали од ЕП и СП, како дел од репрезентацијата на Шпанија. Бронзен медал има од ЕП 2014 година во Данска и од СП 2011 година во Шведска, а златото го освои на домашен терен во Шпанија на СП 2013 година. За репрезентацијата има одиграно 102 натпревари и постигнато 252 гола.

„ Со ангажирањето на Македа, ќе имаме уште посилна бековска линија, и искусен и докажан играч. Вардар се засили со играч кој зад себе има медали во репрезентативен дрес, со надеж дека заедно ќе ги исполниме и клупските планови. Македа останува во Вардар до јуни 2018 година, а се надеваме и подолго. Со потпишувањето на Македа продолжуваат намерите на Вардар да создаде силен и респектибилен тим во Европа“, вели Давор Стојаноски, извршниот директор на Вардар.

Со официјализирање на овој договорот, останува уште официјалната потврда за хрватскиот интернационалец Лука Циндриќ, со што Вардар најверојатно ќе го затвори кругот на ракометари за наредната сезона.