ОФИЦИЈАЛНО: Халил Јагањац три години во Металург!

Металург од денеска е посилен за хрватскиот кадетски репрезентативец Халил Јагањац, кој потпиша тригодишен договор со македонскиот вицепрвак. Со тоа се остварија најавите на 24Ракомет уште пред месец и половина, дека Јагањац ќе биде второто засилување од ПСЖ за тимот од Автокоманда, по словенечкиот бек Јануш Лапајне.

Металург се договори со менаџерот на младиот хрватски ракометар и тој по доаѓањето во Скопје во вторникот навечер, веднаш замина за Охрид, каде тимот на Червар се наоѓа на подготовки и игра контролни натпревари. Јагањац беше во Грузија каде со кадетската репрезентација на Хрватска настапуваше на Мундијалот за играчи до 19 години, па можеби Червар нема многу да го користи на претсезонските натпревари.

Тимот од Автокоманда загуби од Шарт, а ги победи Струга и Охрид на турнирот во Струга, додека во Охрид беше совладан тимот на Пелистер. На тие дуели Червар играше практично со четири бека, па помошта од хрватскиот интернационалец ќе биде добредојдена за неговиот тим во пресрет на стартот на дуелите од СЕХА Лигата и Лигата на шампионите.

Металург на 2 септември го чека натпревар со Вардар во СЕХА Лигата, во меѓувреме ќе игра дома и против Нексе, а ќе гостува на српските тимови Динамо Панчево и Војводина, пред да го одигра премиерниот дуел во Лигата на шампионите, на гости кај францускиот Монпелје.