Официјално: Првиот Супер Куп на Македонија се игра во вторник во СЦ „Јане Сандански“

Она што е традиција во многу земји, пред почетокот на домашното првенство да се одигра и натпревар од Супер Куп, меѓу првакот и победникот на Купот сега ќе го имa и во Македонија. Првиот Супер Куп ќе се игра на 12 септември, во СЦ „Јане Сандански“ меѓу Вардар и Еурофарм Работник, во коорганизација на Вардар и РФМ.

Тоа ќе биде реприза на финалето на Купот на Македонија, каде тримфираше екипата на Вардар, 31:26 против Еурофарм Работник, и тоа во Битола. Вардар е првак на Македонија, а Еурофарм Работник како финалист на Купот повторно добива шанса да игра во Супер Купот.

За Вардар овој ревијален натпревар ќе биде последна проверка пред гостувањето во Полска кај тимот на Висла Плоцк во рамките од првото коло на групната фаза од лигата на шампионите. На првите три натпревари во СЕХА лигата вардарци остварија три победи, против Металург, Горење и Мешков.

За Еурофарм Работник овој дуел исто така ќе биде последна проверка пред стартот на новата сезона во Суперлигата следниот викенд. Тимот на Андон Бошковски ги совлада Прилеп и Железничар, а загуби од српскиот тим во последниот пријателски натпревар.