ОФИЦИЈАЛНО КИМ РАСМУСЕН ВО ЦСМ БУКУРЕШТ: „РАКОМЕТОТ Е МОЈОТ ЖИВОТ“

Како што веќе објавивме, денес пред медиумите во Романија официјално беше претставен новиот тренер на ЦСМ Букурешт. Селекторот на репрезентацијата на Полска, данскиот стратег, Ким Расмусен ќе застане на кормилото на романскиот првак, со надеж дека турбулентниот период кој го предизвика скандалот со апсење на еден од главните финансиери во клубот ќе заврши.
Во изминатава седмица, откако клубот го напушти тренерот на екипата, од Букурешт си заминаа бразилската голманка Песоа и руската интернационалка Веткова. Управата на клубот реагираше експресно и договорот со некогашниот консултант на Индира Кастратовиќ го постигна во средата.
Расмусен утринава беше присутен на првиот тренинг на романскиот состав, кој го водеа неговите помошници Ади Басил и Расмус Пулсен. По тренингот на прес-конференцијата каде официјално беше презентиран како нов предводник на силниот романски клуб Расмусен истакна:

“Среќен сум што сум тука. ЦСМ Букурешт е млад клуб во европски рамки, и чест ми е што ќе бидам дел од овој проект. Тимот е многу силен, како што се и останатите клубови од ова спортско друштво во Букурешт.
Романскиот ракомет повеќе пати во текот на годините се докажал со својот квалитет и поседува огромна почит во светот на ракометот. Од Романија потекнуваат некои од најдобрите ракометарки во светот.
Секако нема да заборавам од каде потекнуваат овие ракометарките и на кој начин пристапуваат на ракометот. Јас сум Данец кој сега ќе работи во Романија, и се надевам дека ќе ги искомбинирам двете работи за да ги исполнам очекувањата на клубот.
Ова ќе биде мое прво искуство во Лигата на шампионките, но имам доволно интернационално искуство зад себе. Со репрезентацијата на Полска сум се сретнал со сите ракометарки кои нешто значат. Морав да анализирам недостатоци и посилни страни на различни култури и сметам дека добро се снајдов во таа улога.
Ќе продолжам да бидам селектор на репрезентацијата на Полска и тренер на ЦСМ Букурешт. Тоа ќе значи непреспиени ноќи, но сега сум тука и имам време да ја работам мојата работа. Ракометот е мојот живот“

Со пристигнување на новиот тренер, романскиот гигант најавува враќање и на првата голманка Песоа, како и на Екатерина Вектова кои заминаа од клубот по низата скандали кои резултираа со отказ на главниот тренер.